Лидерот на СДСМ, Венко Филипче денеска ги демантираше обвинувањата на пратеничката Рашела Мизрахи дека тој има одговорност за случувањата на Клиниката за онкологија, односно дека екс-министерот требало да води сметка за обврските на Министерството кон Клиниката, а се однесува на редовните шестмесечни извештаи за работата на Клиниката и стручните комисии. Мизрахи тврди дека немало такви извештаи од МЗ кон Клиниката и дека немало стручна контрола.
Претседателот на СДСМ ги објави извештаите за кои вели дека бил клеветен. Според него, сите извештаи биле уредно сработувани и средени.
-Треба да одговорат Мизрахи и тогашниот министер Фатмир Меџити дали, како и зошто овие извештаи биле криени? Дали е точно дека на барање на истражните органи, овие извештаи не им биле доставени? Ги прашувам директно дали намерно се криеле извештаите за да ме вовлечат и обвинат во скандалот. Ова е скандал без преседан. Ги доставив до Обвинителството и очекувам да биде анализирано зошто биле криени. Сакам да го прашам ВМРО-ДПМНЕ и Мизрахи зошто го направивте ова, рече Филипче на прес-конференција од седиштето на партијата.
Тој побара извинување од партијата на власт до целата македонска јавност, но и до него, „што ја донесоа јавноста во заблуда и го оцрнија моето име“. Филипче очекува и Обвинителството да се изјасни за овој дел од скандалот.
-Луѓе умираат таму како мачиња затоа што не сакаат да земат лекови. Треба да си понесат политичка одговорност, додаде пратеникот и лидер на СДСМ за недостигот на лекови од биолошката терапија за онколошките пациенти.