Филипче го поддржува Мицкоски за средба со Жељазков: Ќе поддржиме ако има подобар предлог за дополнителни гаранции

од Nikola Popovski
48 прегледи

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче денеска изјави дека нема контакт со неговиот колега од ДУИ, Али Ахмети и ги нарече „смешни“ обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ за делувањето на екс-вицепремиерот Артан Груби. Побара од партијата на власт да одговорат „зошто го пуштија Груби да побегне преку граница“.

-Јасно ги кажуваме нашите ставови во однос на коалицијата на ДУИ. Кажуваме дека тоа е добро научена лекција и дека отсега натаму нема да ги правиме по секоја цена туку врз основа на вредносните политики, додаде Филипче на прес-конференција во седиштето на СДСМ.

Околу ставот на ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени и барањето гаранции дека нема да има блокада на патот кон ЕУ, Филипче вели дека го поддржува премиерот Христијан Мицкоски во барањето за час поскоро средба со неговиот нов бугарски колега Росен Жељазков „за да се расчисти делот“.

-Има јасен план во реформската агенда. Направивме максимум што можеме. Јасно е потврден идентитетот и македонскиот јазик. Легитимно е да бара Владата дополнителни гаранции. Да видиме дали можеме или не можеме да добиеме некакви дополнителни гаранции. Ќе го поддржиме било кој подобар предлог или форма на дополнителни гаранции. Сепак, да се случи час поскоро бидејќи времето поминува, а Албанија и Црна Гора со крупни чекори одат напред, кажа претседателот на СДСМ.

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека се уште немал комуникација со новиот бугарски премиер кој на функцијата е од пред две недели. Мицкоски вели дека со задоволство би реализирал средба со Жељазков на која би му пренел јасна порака, а тоа е дека договорите треба да важат и да се почитуваат од двете страни.

Додаде дека има желба да седне со неговиот бугарски колега и да разговараат за тоа какви се можностите.

Македонските власти досега чекаа да се формира стабилна политичка влада во Софија за да разговараат за одблокирање на европските интеграции. Европската унија инсистира Македонија да ги направи уставните измени, а потоа да продолжи по европскиот пат. Официјална Софија вели дека впишувањето на Бугарите во Уставот е европски, а не бугарски услов.

Слични содржини