Филипче: Годинава успешно изведени четири кадаверични трансплантации

од Ивана Рамаданова
386 прегледи

Министерот за здравство Венко Филипче денеска учествуваше на стручна средба на тема „Улогата на медицинската сестра во процесот на трансплантација на бубрег“, во организација на Секцијата на медицински сестри и техничари по нефрологија, дијализа и трансплантација при Здружение на медицински сестри, техничари и акушерки на Македонија (ЗМСТАМ).

Трансплантацијата на органи, нагласи Филипче, е исклучително благороден чин, со кој се дава шанса за живот на пациентите и оттука особено признание им се оддава на здравствените работници кои активно учествуваат во овој процес. Меѓу персоналот кој макотрпно и посветено работи на трансплантацијата на органи, се и медицинските сестри и техничари по нефрологија, дијализа и трансплантација, на кои е посветен денешниот настан, додаде Филипче.

Укажа дека Министерство за здравство континуирано го поддржува процесот на трансплантација, особено во делот на едукација на медицинскиот кадар од здравствените установи вклучени во овој процес – Клиниките за нефрологија и урологија, како и Институтот за трансфузиона медицина, со поддршка на КАРИЛ.

Од почетокот на годинава веќе успешно се изведени четири кадаверични трансплантации, а во континуитет се вршат и трансплантации на бубрези од жив донор.

Исто така, минатата година успешно е извршена првата несродна трансплатација на матични хематопоетски клетки. Тоа е револуционерен чекор на јавното здравство во нашата држава, кое сега е дел од светските и европски медицински центри за лекување на најтешките болести на крвта. Во јануари годинава успешно била изведена и првата несродна трансплантација кај 13 годишно момче со апластична анемија.

Министерот Филипче истакна дека Министерството за здравство има добра соработка со Секцијата на медицински сестри и техничари по нефрологија, дијализа и трансплантација при Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки и заедничката цел е натамошно унапредување на здравствената заштита во областа на трансплантацијата на органи.

Слични содржини