Власт која ја губи довербата од народот измислува непријатели за да ја скрие вистината, рече вечерва претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на граѓанскиот собир „Се бориме за нашиот дом“ во Карпош.
Тој ја осуди, како што рече, црната кампања на ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека таа кампања е доказ за неспособност и страв од народот.
-Власт која води негативна кампања кон опозицијата не е само неспособна власт, тоа е власт која не сака напредок, не сака дијалог и не сака компромиси. Тоа е власт за која напредокот на државата е непријател, оцени Филипче.
Според него, „оваа власт се храни и одржува од внатрешни поделби, од сиромаштија која ја контролира со корупција и од хаос во кој се создава апатија“. Повика на единство, разум и отпор против лагите и поделбите.
-Јас во нивната кал нема да влегувам, туку ќе продолжам да ги разобличувам. Нека се препелкаат во национализмот, во лажниот патриотизам и во својата неспособност самите тие, рече лидерот на СДСМ вечерва во Карпош.
Како што рече Филипче, во изминатава година и пол гледаме власт која не ја разбира својата должност, власт која е целосно отуѓена од потребите на луѓето, која ја третира државата како сопствена компанија.
-Денес имаме власт која не ја води државата, туку ја режира. Сè е претворено во настап, во шоу, во перформанс без никаква содржина и суштина, истакна Филипче.
Во обраќањето Филипче посочи дека СДСМ и во најтешките кризи, здравствената, енергетскат, економската – не дозволија државата да се распадне, и покажа дека и во тешки времиња може да се мисли на луѓето.
-Ги зголемивме платите, ја воведовме методологијата за раст на пензиите, ја подигнавме минималната плата, ја зголемивме социјалната помош за оние што живеат најтешко. После 3 децении ги решивме проблемите на стечајните работници. Не ветувавме чуда, но направивме конкретни чекори што го олеснија животот на граѓаните. И тоа е мерката на една сериозна политика – кога во криза покажуваш грижа, а не алчност, рече Филипче.