Пред само неколку месеци, млада пациентка повторно застана на нозе откако и беше заменето малигно коскено ткиво со здраво коскено ткиво од починат донор. Ваков тип трансплантација за прв пат беше извршена кај нас. Години наназад од буџетот беа одвојувани околу половина милион евра за десетина пациенти, кои што годишно имаа потреба да се лекуваат надвор од земјата. Лекувањето најчесто беше во медицинските центри во Германија и Австрија, објави министерот за здравство, Венко Филипче на својот Фејсбук профил.
Тој наведе дека благодарение на достапноста на туморските импланти, а сега и на кадаверичната трансплантација, на Клиниката за Ортопедски болести може целосно да се изврши отстранување на туморот, а потоа и целосна реконструкција на афектираниот екстремитет.
-За ова му честитам на целиот медицински тим, директорот на ТОАРИЛУЦ д-р Трајовски, д-р Јахија, раководител на Клиника за Ортопедија и проф. д-р Самарџиски, раководител на Оддел за ортопедска онокологија со коскено зглобна трансплантација. На Клиниката за ортопедски болести годишно се оперираат околу 150 случаи на малигни неоплазми на различни делови од мускулно скелетниот систем. Од почетокот на годинава до сега се оперирани 16 пациенти. Најголем дел од коскените саркоми се дијагностицирани кај пациенти на возраст помеѓу 10 и 20 години, односно деца и адолесценти. Месец јули е посветен на борбата со остеосарком. Продолжуваме да ги унапредуваме условите во македонското здравство со цел подобра грижа за пациентите, нагласи Филипче.