„Целосно ги демантирам наводите за исплатени милион евра за респиратори од Бразил. Ниту се исплатиле пари за посочената набавка која се споменува во објавите на медиумите блиски до опозицијата, ниту било што од напишаното во текстот е точно“, објави министерот за здравство, Венко Филипче на својот Фејсбук профил, откако дел од медиумите блиски до опозицијата објавија дека е вмешан во афера со сомнителна набавка на респиратори од Бразил.
Тој потенцира дека Министерството за здравство никогаш нема потпишано договор за набавка на респиратори од Бразил ниту воопшто има донесено одлука за таква набавка.
„Вакви рециклирани лажни афери за кои портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ држеше прес конференција уште пред една година не поминуваат во јавноста. Граѓаните се заморени од измислувањата на опозицијата која освен тоа ништо друго конструктивно нема направено за време на пандемијата. ВМРО-ДПМНЕ лажеше за набавка на вакцини, за опрема, за број на тестови, а сега и за респиратори – лажна афера стара цела година“, истакнува Филипче, кој бара од Инфомакс, Курир, Нетпрес и сите кои ја шират лагата на ВМРО-ДПМНЕ итно да ги повлечат текстовите со кои ја лажат јавноста дека некој злоупотребил народни пари.
„Во спротивно, ќе ги употребам сите правни механизми да одговараат за ваквите клевети“, додава министерот.