Во моментов нема потреба од нови рестриктивни мерки, но не се исклучува потребата ако се зголеми бројот на новозаразени со Ковид-19 во Македонија, особено ако сè повеќе се шири т.н. британски вид на вирусот, посочи денес министерот за здравство, Венко Филипче.
„Разговарав со претставници од британската амбасада кај нас, ја следиме ситуацијата, постојат две опции – или силниот бран се должи на мутацијата на вирусот, што значи дека ако значајно се зголеми бројот на случаи веројатно ќе треба воведување дополнителни рестриктивни мерки или едноставно станува збор за природен тек на епидемијата во тие земји, не само како резултат на мутацијата на вирусот. Засега, со овој процент на детекција на мутацијата на вирусот, нема потреба да се воведуваат нови рестриктивни мерки, но будно ја следиме ситуацијата и гледаме како ќе биде“, потенцира Филипче.