Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска упати честитка до граѓаните, по повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик. Филипче порача дека македонскиот јазик е коренот на идентитетот и нашиот најсилен меѓународен промотор.
„Македонскиот јазик е нашиот код, коренот на нашиот идентитет. На овој ден им оддаваме должна почит на сите создатели на македонскиот литературен јазик.
Денес, македонскиот јазик е признат и рамноправен во Обединетите нации и во Европската унија. Тоа е резултат на посветена државна политика и јасна визија.
Владата на СДСМ, токму денешниот ден го прогласи за Ден на македонскиот јазик, во чест на 5 мај 1945 година кога е усвоена азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо.
Со потпишувањето на договорот со ФРОНТЕКС на чист македонски јазик, македонскиот јазик е вграден во европското законодавство и поставен рамо до рамо со сите европски јазици“, порача лидерот на СДСМ.
Според него, наша обврска и на сите идни генерации е да го чуваме и негуваме нашиот македонски јазик.
„Не затоа што мораме, туку затоа што знаеме што значи да го имаш својот глас во светот. Како што велеше Блаже Конески: „Сè додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината“, истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ќе се обрати на Свечената академија по повод 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, којашто под нејзино покровителство ќе се одржи во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), со почеток во 12:00 часот.
Свои обраќања на свечената академија ќе имаат и претседателот на МАНУ Живко Попов, министерката за образование и наука Весна Јаневска, министерот за култура и туризам Зоран Љутков и претседателката на Советот за македонски јазик Симона Груевска-Маџоска.
На овој значаен настан ќе присуствуваат македонисти, професори, академици, пратеници, министри, претставници на верските заедници и претставници на дипломатскиот кор.