Филипче: Ме радува што повозрасната група граѓани покажаа дисциплина и голема заинтересираност за вакцинација

од Nikola Popovski

„Вакцинацијата се одвива непречено на сите вакцинални пунктови кои од денеска почнаа со спроведување на процесот на имунизација“, објави министерот за здравство, Венко Филипче, откако беше во обиколка на вакциналниот пункт во поликлиниката „Јане Сандански“ во скопски Аеродром.

Според него, повозрасните граѓани кои денеска ги сретнал во добро расположение ја примиле вакцината.

„Многу ме радува што токму оваа група на граѓани покажаа дисциплина и голема заинтересираност. Им посакав успешна имунизација во периодот што следува и добро здравје. Очекуваме сериозна бројка на вакцини овој месец и брз и ефикасен процес на имунизација“, стои во објавата на министерот.

Денес стартуваше масовната имунизација на населнието во земјава, со вакцините на АстраЗенека, кои во неделата пристигнаа на скопскиот аеродром, преку Ковакс-системот.

„Граѓаните што примиле прва доза од вакцината на „Астра зенека“ во Србија нема потреба да земаат дополнителна терапија, рече денес министерот за здравство, Венко Филипче. Сите ќе бидат ревакцинирани за што министерот очекува дополнителни препораки.

„За некои од граѓаните што се вакцинираа во Србија, сакам да кажам дека нема препораки оти нешто превентивно треба да се прави ако некој примил доза. Да не земаат на своја рака ‘клексан’ или ‘фраксипарин’ против згрутчување на крвта, нема потреба. Ретки се случаите со несакани ефекти“, објасни Филипче.

Тој дополни дека во текот на денот ќе се сретна и со членовите на Комисијата за заразни болести, но, како што додава, нема потреба од дополнителни рестриктивни мерки.

 

Слични содржини