Најострого го осудувам политичкото дискредитирање на било кој член на Историската комисија. Сметам дека таа има цврсто утврдена задача, а тоа е да утврди заедничко толкување на историски факти. Тука нема место за политиката, вели претседателот на СДСМ, Венко Филипче за работата на сега веќе поранешниот македонски состав на Мешовитата комисија со Бугарија за историски и образовни прашања.
Лидерот на СДСМ смета дека политичарите можат да помогнат, со тоа што можеби ќе иницираат дополнителен модел, како на пример странски експерти во работата на Комисијата, по примерот на некои европски држави.
-Ние не сме први две земји кои решавале вакви проблеми – имало и меѓу Германија и Полска, Австрија и Словенија, Германија и Франција и тие проблеми се решиле. Вклучувањето на меѓународни експерти воопшто не е лоша работа. Дефинитивно ќе влијаат на елиминирање на политичките влијанија кои на никој не му носат добро, а можат да внесат и искуства од претходните комисии во кои работеле во споменатите земји, кажа Филипче на прес-конференција од Собранието.
Поранешните членови на Историската комисија преку отворено писмо до јавноста порачаа дека во јавноста се наметна уверувањето дека Комисијата треба да биде тело во одбрана на „националните интереси“, докажување на „историски вистини“ и решавање на историографски прашања. Тврдат дека Комисијата била злоупотребена за политички и партиски цели и интереси во двете земји.
Сепак во заминување дадоа старо-нов предлог за понатамошната работа.
-Неопходно е вклучување експерти од УНЕСКО, Советот на Европа или ОБСЕ, нешто што ние го баравме постојано од првата средба на Комисијата која се одржа на 2 и 3 јули 2018 г. На тој начин ќе се создадат услови негативните политички влијанија да се тргнат настрана од работата на Комисијата, се вели меѓу другото во нивното писмо.
Премиерот Христијан Мицкоски веќе потврди дека на затворена седница, Владата направила промена во кадровскиот состав на мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања. Иако во јавноста се појавија и имиња на историчарите кои ќе бидат дел од Комисијата што треба да ја предводи професорот Ванчо Ѓорѓиев, шефот на Владата не ги потврди имињата зашто тоа било класифициран податок.