Филипче најави тужба за клевета против Николоски и го нарече „кафански озборувач“

од Nikola Popovski

„Политичката култура на Александар Николоски спадна на најниско ниво, но не сум изненаден од речникот. Сепак, морам да признаам дека не очекував Николоски да прерасне во кафански озборувач“. Вака утрово се огласи екс-министерот за здравство и носител на кандидатска листа во Изборна единица 4, Венко Филипче откако беше прозван од неговиот противкандидат во истата ИЕ.

Според него, озборувањата упатуваат на целосно отсуство на идеи и концепт во оваа кампања, па, додава, Николовски со навреди се обидува да добие политички поени.

-Исто така, загрижувачки е што Николоски изјави дека работел од свои 14 години сакајќи да го оправда фактот што нема ниту ден стаж во реален сектор. На 14 години можеби единствено што можел да работи е лепење плакати. Што се однесува до сите лаги пласирани за наводна моја хациенда на Водно за која ДКСК има одамна одлука дека не ја поседувам, ќе добие соодветна тужба. Тужба ќе добие и за другите клевети кои ги изрече, му порача кандидатот на СДСМ на противникот од ВМРО-ДПМНЕ.

Потпретседателот на најголемата опозициска партија вчера на средба со граѓани, упати критики кон Филипче и претседателот Стево Пендаровски.

-Не знам дали Венко Филипче знае но сум сигурен ако ништо друго слушнал Стево Пендаровски важи за најголемиот озборувач кај политичарите, или јас како што го нарекувам алапача број еден во Македонија. Во тие свои озборувања обожава да озборува за најблиските околу него а Венко Филипче е еден од најозборуваните. Па да го прашам Венко Филипче дали слушнал или не дека кога Стево ќе се опушти озборува во круг на блиски новинари и вели дека Венко Филипче бил уживател на психотропни супстанци дали го слушнал или не го слушнал тоа и како е можно да еден за друг зборуваат такви работи зад грб а излезат пред народот и бараат гласови. Толку за Стево Пендаровски за неговиот морал и за неговиот образ, следното е ваше да излезете масовно на 24 април и на 8 мај и да му помогнеме да се исели од државата, истакна Николоски од Новаци.

Слични содржини