Од вкупно 868 направени тестирања во изминатите 24 часа регистрирани се 67 позитивни пациенти на Ковид-19. Се уште не се пристигнати бројките од една приватна лабораторија и во следните неколку часа ќе биде објавена и деталната статистика по градови. Има 25 оздравени пациенти, и еден починат пациент.
Ова денеска на прес-конференција го соопшти министерот за здравство Венко Филипче, посочувајќи дека до изутрината на Клиниката за инфективни болести во Скопје се примени шест пациенти и сега се хоспитализирани вкупно 40, Таму нема пациент, кој е на механичка вентилација, а на кислородна поддршка се 16 пациенти.
– Во Градската општа болница „8 Септември“ хоспитализирани се вкупно 27 позитивни на Ковид-19, од кои на респираторна машина се шест пациенти. Во болницата во Битола хоспитализирани се седум пациенти, а во болницата во Штип 14. На инфективните одделенија во Охрид, Велес, Куманово и Прилеп вкупно се хоспитализирани 27 пациенти кои се позитивни на вирусот, посочи Филипче.
Тој вели дека овој нов бран на новозаболени од Ковид-19 има суштинска разлика со првиот бран.
-Состојбата на здравствениот систем, капацитетите на згрижување, нискиот број заразени здравствени работници, познатите кластери и сите други индикатори укажуваат дека точно знаеме што се случува и дека имаме капацитет да се справиме со овој бран на болеста. Овој нов бран на новозаболени од Ковид-19 има суштинска разлика со првиот бран. Не може да се сложам дека епидемијата не е под контрола,изјави Филипче.