Пристигнаа двајцата, од седумте преживеани пациенти од тешката автобуска несреќа што се случи на 23 ноември на автопатот „Струма“.
-Јас утрово разговарав со директорот на болницата. Тие се испишуваат во стабилна состојба како што впрочем беа целокупниот овој период. Станува збор за 17-годишна девојка и уште еден повозрасен пациент. Тие имаат повреди, треба да бидат сместени на Клиниката за пластичната хирургија, тука се обезбедија места, изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Тој рече дека откако двајцата пациенти ќе пристигнат во Македонија, ќе се направи проценка колку долго ќе бидат хоспитализирани, пред да бидат пуштени на домашно лекување.
Денеска д-р Анастасија Викторова од Клиниката за пластична хирургија на УМХАТ „НУ Пирогов“ ги предаде пациентите на медицински тимови од земјава.
Останатите 4 жртви од истиот инцидент се во добра општа состојба.
Седмиот пациент, кој претходно беше опериран на Клиниката за ортопедија и трауматологија, а подоцна и на Клиниката за неврохирургија, е во стабилна состојба, непроменета од вчера.