Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска во Струмица, во одговор на новинарско прашање, потенцираше дека неговиот имотен лист и како министер и како пратеник е идентичен, односно дека единствената разлика е во начинот на пријавување.
„Имотниот лист е идентичен, кога ќе го видите вкупниот имот тој е со иста квадратура, единствена разлика е во начинот на пријавување. Во претходниот имотен лист не се ставаа, а сега има простор да се стават имотни листови како документи. Кога ќе се анализира сето тоа ќе се види дека е исто“, кажа Филипче.
Во одговорот, лидерот на СДСМ изјави дека очекува Мицкоски јавно да му се извини за изнесените лаги за имотниот лист.
„Откако ДКСК ќе го анализира случајот и апелирам тоа да се случи што побрзо, за да излезат со став и да кажат каква е фактичката ситуација, ќе барам од премиерот Мицкоски да излезе во јавноста и да ми се извини исто како што излезе вчера на интервју и ја кажа таа лага“, порача Филипче.