Повторно имаме рекорден број аплицирани дози во еден ден, информира вечерва министерот за здравство, Венко Филипче.
Според него, желбата на граѓаните за вакцинација многу охрабрува.
-За да му се вратиме на секојдневието кое сите го посакуваме треба колективен имунитет, а тоа значи што поголем број од населението да се вакцинира. Ве повикувам сите кои се уште се двоумите вакцините се безбедни и ефикасни и спречуваат тешка форма на болеста. Вакцинирај се без закажан термин, потенцира министерот.
Од Министерството за здравство денеска соопштија дека на вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 481.268 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 6.385 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 19.274 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 800.168 дози вакцини, а ревакцинирани се 318.900 граѓани.
Со последните бројки 62% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 59% од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 54% од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 44% од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина .