„Масовната вакцинација, која што за жал ја има во малку земји во светот, кај нас ќе започне малку подоцна отколку што беше планирано. Главен проблем е недостатокот на количини“, вели министерот за здравство, Венко Филипче за емисијата „Топ тема“.
Тој потврди дека во нашата земја треба да пристигнат околу 800 илјади дози преку системот Ковакс, истата количина од 800 000 треба да пристигне од Фајзер, од Кина се очекуваат 200 000 дози од вакцината на Синофарм, има најави за 200 000 вакцини од фондот на солидарност на ЕУ – односно вкупно над 2 милиони дози за нашите граѓани.
„Пендаровски направил веројатно лапсус, затоа што таков коментар нашите претставници добиле од компанијата Модерна“, изјавил Филипче, коментирајќи ја изјавата на претседателот Пендаровски дека во разговорите со Фајзер било кажано дека тие не се интересираат за обезбедување вакцини на држави со помалку од 2 милиони жители.