ВМРО-ДПМНЕ го критикува лидерот на СДСМ, Венко Филипче дека прави „кловн од себе“ по денешниот негов коментар на вчерашната одлука на СДСМ и непокревањето постапка против првиот човек на АНБ, Бојан Христовски. Според партијата на власт, токму нивните противници на политичката сцена ја направиле партизацијата на АНБ, а, како што велат, судскиот совет беше „Зајас Муртински совет“.
-СДС кои го поставија митаџијата Наќе Георгиев сега зборуваат за судството, која трагедија. СДС се партија која на чело на Судски совет ја имаа Весна Дамева од СДС ( фотографија во прилог ). СДС и Филипче го имаа и Иџет Мемети како заменик претседател на Советот на јавни обвинители, митаџија исто како Наќе Георгиев. Кога станува збор за АНБ, во време на СДС ја водеше нивен член на ИО и претседател на партиски комисии Виктор Димовски, стои меѓу другото во соопштението од „Белата палата“.
Претходно на прес-конференција, претседателот на СДСМ изјави дека скандалозно и недозволиво е за Антикорупциската комисија да се донесе таква одлука дека се ненадлежни да проверуваат и утврдуваат автентичност на документите кои бараат експертиза надвор од нашите надлежности.
-Сите ги видовме дипломите на директорот на АНБ. Малите деца од основно училиште видоа дека факултет е завршен за една година. Недозволило е да помине таква одлука врз основа на некаква анализа направена на инспектори од ДПИ. Ја повикувам министерката за образование да не аминува одлука во која што факултет може да се заврши за една година. Нека се преиспита уште еднаш таа анализа на факултетот. Уште еднаш да се разгледуваат документите во ДКСК. Малите деца видоа какви се тие дипломи од тој факултет. Каква порака се испраќа? Под будно око сме. Не поминуваат такви работи. Како ќе им објасните сега на младите кои што учат и студираат, сега им кажувате дека некој може да помине со таква диплома за една година. Зошто таква брутална партизација и газење на интелектот во државата, рече Филипче.
Антикорупциската комисија нема основа за постапување против директорот на АНБ. По спроведените проверки антикорупционерите утврдиле дека првиот човек на тајната служба ги исполнува условите за именување на челната позиција, според законот за АНБ. ТОЕФЛ сертификатот за познавање англиски јазик и дипломата од Економскиот факултет при Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје за кои се дигна најмногу врева во јавноста, не се спорни. Но, Комисијата за спречување на корупцијата нема надлежност да утврдува дали некој документ е фалсификат или не.
За Христовски на адреса на Антикорупциската комисија во октомври стигнала анонимна претставка на која имало осум дополнувања од пријавувачи, со тврдење дека не ги исполнува условите за директор.
Според пријавите, постоеле сомневања за законитоста на безбедносната проверка, валидноста на дипломата за високо образование, сертификатот за англиски јазик и работното искуство на Христовски.