Во своето гостување во „Утрински брифинг“, министерот за здравство Венко Филипче посочи зошто се размислува за полициски час и колкава е процентната застапеност на британскиот сој на Ковид 19 во земјава.
„Рестрикцијата е во интерес на заштита на јавното здравје. Ние поминавме добар период, каде немаше рестрикции за разлика од други земји, но обојпат е поголем бранот и ние мораме навремено да интервенираме. Целта е да се намали движењето по затворањето на угостителските објекти, бидејќи британскиот сој очигледно си го прави своето. Во овој момент кога не знаеме како ќе се одвива епидемијата, ние мораме да го заштитиме здравствениот сектор. Треба да внимаваме на капацитетите, не смееме да дозволиме да немаме кревети“, истакна Филипче и додаде:
„Низ земјата се веќе подготвени и модуларните болници, со што се дуплираа капацитетите. Во однос на вакцинацијата, проблемот е на глобално ниво, ништо не се одвива според планираното. Овој месец ние очекуваме вакцини од Фајзер и вакцините преку Ковакс механизмот. Од утре исто така, почнува рдвакцинацијата на оние здравствени работници кои веќе ја примија првата доза“.