Резолуцијата е еден од најпатриотските документи којшто бил понуден на оваа политичка сцена изминатите повеќе децении, поради тоа што отвора простор и врата конечно да се постигне национален консензус за нашите црвени линии и за што ние утре нема да преговараме со Европската унија доколку се постави такво прашање, односно тоа од што луѓето стравуваат во иднина – јазикот, идентитетот, културата и историјата, изјави денеска претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, по регионалната конференција „Еден регион. Една визија. Една иднина“ на која учествуваа претседатели на сестринските социјалдемократски партии од Западен Балкан, како и претставници на тинк-тенкови и граѓански организации.
Во врска со изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека Предлог-резолуцијата е неприфатлива и дека во неа е направен историски фалсификат, Филипче во одговор на новинарско прашање рече дека искрено жали за таквата изјава на Мицкоски, бидејќи, според него, сѐ што е наведено во таа резолуција е точно и прецизно. Целта е, рече, да се искористи актуелниот моментум за проширување на Европската Унија до 2030 година и да се спречи понатамошно заостанување на земјата зад другите држави кандидати.
– Морам да кажам дека искрено жалам што таква изјава даде премиерот. Прво, сѐ што е наведено во таа резолуција е точно и многу прецизно. Таму се наведени историски факти, резолуции претходно донесени во Собранието, точно наведено што во тие резолуции претходно е веќе заштитено… Искрено сметам дека ќе се надминат себе си во следниот период за време на кампањата сите политички партии, вклучително и ВМРО-ДПМНЕ, дека ако ништо друго ќе најдат сила и ќе седнат на маса да дискутираме за овој документ, поради тоа што времето сериозно нѐ гази, регионот оди напред, а ние тука не гледаме никаков напредок, рече Филипче.
Вели дека за првпат се работи за Предлог документ што треба заеднички да се доработи, унифицира и поднесе којшто ја содржи хронологијата на сите претходни резолуции донесени во законодавниот дом. Прашан зошто смета дека заедничко писмо е подобро решение во случај на евентуално вето од соседна Бугарија, а не напуштање на преговорите, тој рече дека Европската унија треба да знае што ги загрозува црвените линии на нашата држава.
-Вистинско седнување на маса како сите сериозни држави и постигнување на национален консензус, а не само празни флоскули, најави и неправење ништо… Јасни се нашите предлози кога треба да започне процесот на уставни измени, а кога да заврши и согласно тоа да се отворат поглавјата во рамките на преговорите. Европската унија треба да знае што ние сметаме дека нешто што загрозува некакви наши црвени линии во текот на преговорите, а што не. И во тој контекст едно писмо до сите релевантни структури во рамки на Унијата, рече Филипче.