Филипче: Со Мицкоски имаме драматичен пад на странските инвестиции за 729 милиони евра!

Тој потсети дека за време на владите на СДСМ биле отворени 16 нови фабрики на компании како „Гересхајмер“, „Магна“ и „Леар“, со над 10.000 нови работни места

од Кристијан Димков
19 прегледи

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, дененска на прес-конференција, остро ја критикуваше економската политика на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи дека „македонската економија тоне, а граѓаните едвај врзуваат крај со крај“, истакнувајќи дека тие понудиле конкретни и конструктивни мерки, меѓу кои и зголемување на минималната плата, но биле одбиени, додека негативните трендови сега стануваат реалност.

„Еден дел од сето тоа се и последните податоци од Народната банка коишто покажуваат драматичен пад на директните странски инвестиции од, внимавајте, 61%.

Со Христијан Мицкоски на чело на Владата има намалување на странските инвестиции во 2025 година за огромни 729 милиони евра во споредба со 2024-та година.

Односно, во 2024 година, како резултат на сите економски политики од Владата на СДСМ изминатите седум години, има кулминација и највисока рекордна вредност на директни странски инвестиции од 1.196.000.000 евра, а сега во 2025-та година само 467 милиони евра. И тоа е практично резултатот на економската политика на оваа Влада на премиерот – едноставно дебакл,“ изјави Филипче.

Според него, бројките зад себе носат реални последици – изгубени работни места и нарушена егзистенција на граѓаните. Тој потсети дека за време на владите на СДСМ биле отворени 16 нови фабрики на компании како „Гересхајмер“, „Магна“ и „Леар“, со над 10.000 нови работни места. Наспроти тоа, сега се најавуваат повлекувања и кратења – германскиот „Актив“ го напушта Скопје, во „Дура“ се затвораат производни линии, а „Магна“ го стопира проширувањето.

„Дадовме предлог за зголемување на минималната плата, опишавме како тоа да се направи, од кои ставки во буџетот коишто значат само луксузирање може да се добијат тие пари, но власта тоа не го прифати. Сè уште се на идејата да купат, замислете, нов владин авион…Се кратат пари насекаде, нема пари во земјоделството, намалени се субвенциите за тутунарите, за сточарите, за лозарите, откупната цена на грозјето, откупната цена на оризот“, изјави, меѓудругото, претседателот на Социјалдемократите.