Министерот за здравство, Венко Филипче јаосуди злоупотребата со процесот на вакцинирање, откако секретар на болницата во Охрид, правник по професија, се вакцинирал заедно со дел од лекарите и медицинскиот персонал во модуларната болница во Скопјe.
„Силно ја осудувам злоупотребата при процесот на вакцинирање! Во овој момент клучно е да се вакцинираат приоритетните групи на граѓани, а поради тоа е изготвен и самиот Национален план за вакцинација. Ќе се ревидираат листите на вакцинирани и секој што ја злоупотребил својата позиција или контакт ќе биде соодветно санкциониран“, изјави синоќа Филипче.
Директорот на болницата Горан Балески ја признал грешката и вели дека ако е потребно ќе понесе одговорност.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека Филипче е единствениот виновен за злоупотребата на вакцинацијата.
„Филипче да не бара само виновници во друг, туку и самиот да понесе одговорност. Системот на вакцинација е со пропусти и нема протоколи.
Доколку Филипче не може да се снајде со 4000 вакцини, како ќе се снајде со 400.000 вакцини?! Одговорност веднаш! Оставка сега!“, реагираа од партијата на Мицкоски.
Во земјава до вчера против Ковид-19 се вакцинирани 764 здравствени работници. Имунизацијата на здравствените работници со вакцината од производителот „Фајзер“ се одвива во модуларната болница на Клиниката за инфективни болести во Скопје, каде се поставени шест вакцинални позиции и се работи во две смени од 8 часот наутро до 20 часот, од понеделник до сабота.