Владата со цел превенција од ширење на вирусот, деновиве воведе нови ограничувања во работата на угостителските објекти. Токму ова предизвика реакција кај угостителите, кои најавија дека доброволно ќе ги затворат објектите, оценија дека со рестрикциите нема да се намали бројот на заболени и побараа унифицирани протоколи.
Mинистерот Венко Филипче, во емисија во ТВ24 испрати порака до естрадните уметници кои ќе протестираат утре поради новите рестриктивни мерки на Владата кои се однесуваат на угостителските објекти во кои музичарите повеќе нема да можат да настапуваат.
– Нека протестираат пред инфективна клиника, нека ги погледнат во очи семејствата на оние кои се борат за живот и на оние кои веќе заминаа, а се заразиле најверојатно на нивните настапи и свадби каде што настапувале, лесно е да излезеш на протест, тешко е да седнеш и да најдеш решение кое ќе биде добро за сите, владата не остави никого на цедило, помогнато е на сите со неколкуте владини економски пакети и ќе помагаме и понатаму, отворена е вратата на владата за сите здружениеја и синдикати и групи кои се загрозени од ситуацијата и ќе најдеме со сите решение, владата нема да остави никого на цедило да се снаоѓа сам во ова тешко време, само треба сите да бидеме одговорни и совесни чинители. Мерките кои сме ги донеле се неминовно решение за да превенираме масовна хаварија на здравствениот систем каде нема да може болниците да примат болни народ и тоа ако некој не може да го разбере тогаш нема шанси да се спасиме од најцрното сценарио, мораме сите да бидеме на висината на задачата овој период – кажа Филипче.
Музичарите од земјава повикуваат на масовен протест кој ќе одржи пред Влада, во среда со почеток од 14 часот, а на кој ќе бараат да им биде дозволено да настапуваат, бидејќи, како што велат, оставени се на раб на егзистенција.
-Валиден ПРОТЕСТ на документ, по здравствени мерки, со маска, секој на растојание од 1.5 метар по човек, со наши редари кои ќе ги препознаваат кои се дел од протестот, со полиција која не заштитува нас од околни непознати ликови или политички демонстранти, бина огромна со настап на естрадни музичари, диџеи и останати уметници… Така да, СЕГА излегуваме СИТЕ, сега го остваруваме правото СИТЕ, сега креваме врева, нема веќе време понатаму кога!!! За вас и нас се работи, за нашите кариери и фамилии кои ги храниме дома, за вашите деца е ова – пишува во објавата која што е истакната на социјалните профили на речиси сите музички работници во земјава.
Реагираа со свои коментари :
Фејсбук статус на Петар Младеновски – Суперхикс:
„Концерти? Имало концерти? Тие се главните “кластери”?? Јас тие што знам дека се одржаа, се одржаа по протокол ..имаше и такви кои (селективно) никој не ги надгледуваше ниту казнуваше. “Концертите” во ЈСП исто ќе бидат забранети? “Јавните настани” зад “порти” како свадби, сунети, крштевки, веридби, семејни прослави исто ќе бидат “забранети”? Собиранките на по 200,300 млади по јавни површини исто ќе ги “забраните”? Имате макар мааалку податоци или анализа каде се создаваат и како кластерите? А бре, Републико Селектодонијо неспособна една… Немате ниту компас на каде терате ниту знаете како да се “одбраниме”. Импровизација на повеќе нивоа.“
Фејсбук статус на Валентино Скендеровски:
„Во светов, за нормална гласност на говор, се смета звучен притисок од околу 60 до 65 децибели. Кај нас тоа автоматски е 70. У кафана може да достигне и накај 75. Говор луѓе… за гласност на човечки говор зборуваме.
Ако некој се накашла гласно, ќе отиде и накај 90. Ако на некоја маса некој каже виц, на што четворица ќе се насмеат, тоа веќе оди до добри 90 децибели, па и до 100. Едноставно е, на Google Play Store, или на Apple App Store, впишете во полето за пребарување “Decibel Meter”, инсталирајте го и еве накашлајте се, или пробајте да разговарате со некого дома, за да го видите резултатот.Па секој може да го провери тоа, стварно не разбирам како тоа ќе казнувате за 55 децибели!? :))))))“