Министерот за здравство, Венко Филипче порача дека состојбата со епидемијата бележи надолен тренд, мерките дадоа резултати.
„Сепак, искуството ни покажа дека таа многу брзо може да се дестабилизира доколку не се почитуваат мерките. Пред нас следат празници, слободни денови и убаво време. Да ги искористиме одговорно, да не се групираме и да не ги кршиме мерките за заштита. Има многу начини да поминеме квалитетно време во кругот на семејството и најблиските, а да останеме заштитени од вирусот“, објави тој на социјалните мрежи.
Филипче соопшти дека од следната недела пристигаат поголеми количини на вакцини и ќе ги подигнеме капацитетите за вакцинација на максимум.
„Ве уверувам дека брзо и ефикасно ќе вакцинираме со цел што побрзо граѓаните да стекнат имунитет. Од вас единствено барам почитување на јасно пропишаните мерки кои ќе не заштитат од евентуален нов бран после празниците. Ви благодарам“, истакна министерот.
Во последните 24 часа се направени 3.526 тестирања, а регистрирани се 564 нови случаи на Ковид 19.
Пријавени се и вкупно 22 починати лица: 8 од Скопје (60г, 68г , 71, 72г, 74г, 74г, 82г и 85г), по 2 починати лица од Битола (79г и 85г), Прилеп (69г и 79г) и Кочани (72г и 73г), по едно лице од Охрид (61г), Кавадарци (80г), Гостивар (51г), Штип(75г), Свети Николе (80г), Делчево (65г), Ресен (71г) и Пробиштип (74г).