Министерот за здравство, Венко Филипче вечерва објави дека стигнал нов контигент на вакцини во нашата земја.
„Попладнево пристигнаа нови 11.700 дози од вакцината на производителот ,,Фајзер” од кои 7020 се преку директни преговори со производителот, а 4680 дози се од ЕУ што ги обезбедува како помош преку трилатерални договори во рамките на програмата „Тим Европа“ (Team Europe)“, објави министерот.
Според него, оваа програма за поддршка во снабдувањето вакцини за Западен Балкан ја координира Австрија.
„Количините на вакцини постојано се дополнуваат, апелирам сите граѓани да се пријават за вакцинација на www.vakcinacija.mk“, стои во објавата на социјалните мрежи на Филипче.
Министерот денеска на прес-конференција најави дека во текот на неделата треба да стигнат и донации вакцини од Грција и Бугарија, кои ќе бидат во бројка од 70.000 дози.