Филипче: Светска Банка понудила поповолен кредит од унгарскиот

од Илинка Илиоска
55 прегледи

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче вели дека претходната влада преговарала за заем од Светска банка по многу поповолни услови за разлика од каматната стапка на кредитот што Владата на премиерот Христијан Мицкоски го договори со Унгарија и премиерот Виктор Орбан.

Филипче, вечерва во интервјуто за емисијата „Само интервју“ на Канал 5,  презентираше документ според кој претходната влада веќе преговарала за заем од Светска банка по многу поповолни услови за разлика од каматната стапка на кредитот што Владата на премиерот Мицкоски го договори со унгарскиот премиер Орбан.

-Во стратешката рамката за партнерство на Светска банка со Република Северна Македонија 2024-2028 година меѓу другото стои и ставка за локални патишта и за локални општински работи за кои се одвојуваат 75 милиони долари. Зошто некој би преговарал како опозицијата, под целосно нетранспарентни услови, кога истите тие пари како континуитет на систем на заеми и работа со општините практично ги има државата преку Светска банка, праша Филипче и додаде дека времето ќе покаже кои се бенефитите за Мицкоски и за Орбан од овој кредит.

Филипче потенцираше дека заемот со Светска банка кој бил веќе планиран е со многу пониска каматна стапка од кредитот од Унгарија – односно од 1,2  отсто во еден дел и од 3,5 отсто во друг дел што е многу поповолна ситуација наспроти 3,2 отсто што Северна Македонија и идните генерации ќе треба да ги плаќаат како камата на кредитот договорен со Орбан.

Според претседателот на СДСМ она што е најсимптоматично е дека не постојат никакви контролни механизми, ниту во законот ниту во договорот за заем со Унгарија.

-Во Законот за заем, во член 1 пишува дека Владата на Република Северна Македонија се задолжува кај унгарската Експорт-импорт банка со заем во износ од 500 милиони евра за буџетско финансирање и за финансирање на општи цели. Никаде не стои општини, ниту се наведени компании. Ние не знаеме за што се наменети тие пари, потенцира Филипче.

Според него, денеска сме сведоци на една иронична ситуација, во која претседавачот со Европската Унија – Унгарија и премиерот Орбан ја посетуваат земјата во време кога премиерот Мицкоски јавно изјавува дека Северна Македонија нема да ги продолжи преговорите со ЕУ.

-Сите ветувања на Мицкоски за подобрување на преговарачките позиции беа лажни, и сега тоа се потврдува. Единствената тема на која ќе разговараат Орбан и Мицкоски се зделките поврзани со кредитот од Унгарија, истакна Филипче.

Претседателот на СДСМ прашува кои се приватните релации на Мицкоски со фактори од Унгарија, земја со која досега сме немале никакви релации како држава, и поради кои Северна Македонија влегува во лош „дил“ со кој се задолжуваат идните генерации. 

Слични содржини