Филипче: Учениците ќе се враќаат во училиште постепено

од Берта Китинска
240 прегледи

Министерот за здравство, Венко Филипче во емисијата Само Вистина на Канал 5 телевизија се осврна на почетокот на учебната година и појасни дека причината за одложување на стартот на учебната година е заради претпазливост.

-Луѓето се враќаат на работа, ќе бидат затворени во канцеларии, децата се враќаат во градинка, животот постепено се враќа во нормала. И затоа сме внимателни со уште една голема група, а тоа се учениците во основните училишта и средношколците, коишто во училиште ги враќаме постепено, со целосно почитување на мерките за превенција, рече министерот Филипче.

Во емисијата, Филипче им честиташе на средношколците за енергијата, ангажманот и желбата да се вклучат во сите процеси коишто значат поквалитетно образование.

-Јас на првата средба им се извинив на средношколците што за време на изготвувањето на протоколите не ги искомунициравме. Откако ја направивме првата средба, секојдневно сме во комуникација. Разговараме за нивните барања и аргументи, од друга страна ги аргументираме нашите препораки. Имаме навистина добра и квалитетна дебата. Ние ги поканивме да присуствуваат на Комисијата за заразни болести и имавме одличен состанок. Им објасниме зошто сега поголем дел од нив треба да останат дома и да следат онлајн настава. Секако дека крајната цел е да се вратиме во нормално функционирање и сите да бидат физички присутни во училиште. И покрај тоа што онлајн наставата многу се развива во светот и квалитетот се зголемува, сепак сметаме дека наставата со физичко присуство нема алтернатива. Но во исто време, сметаме дека здравјето треба да е приоритет и да се зачува. И затоа е ваков предлогот. Ние сакаме да се вратат учениците во училници, но постепено, посочи Филипче.

Слични содржини