„Механизмот на солидарност на ЕУ ќе профункционира после надминувања на проблематичните елементи, а тоа пред се беше тоа што и самите компании не испорачаа доволно дози кон земјите членки на ЕУ. Ова не се однесува на нашите билатерални директни разговори со компании, вклучувајќи ги и европските производители“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче во интервју за ТВ Телма.
Тој посочи дека масовната имунизација на населението се планира во април и ќе почне со главната количина од 200 000 дози што ќе стигнат од Кина и со дел од 200-те илјади вакцини од Русија.
„Од претставници на компанијата и од Руската амбасада вчера добиена е потврда дека ќе стигне втората количина од вакцината „Спутник V“ и се очекуваат информации и за останатите количини од руската вакцина. Во завршна фаза е и договорот, а се однесува околу транспортот, за кинеските вакцини на „Синофарм“, а според последните информации од минатата недела, временската рамка за доаѓањето на вакцините на „АстраЗенека“ од Ковакс-механизмот е за две до три недели“, вели Филипче.
Тој исто така дополни дека се планира спортската сала „Борис Трајковски“ во Скопје да се опреми со паравани и столици, за да може таму да се спроведува масовната вакцинација, во моментот кога ќе пристигнат вакцините.
„Навистина е голем притисокот во болниците, ние тоа го менаџираме со интензивна работа и координација на сите директори во јавните здравствени установи каде што се сместуваат пациенти. Нема да дозволиме да нема слободни места, се заземаат клиники кои досега не беа ангажирани и тие се опремени и има кадар“, заклучува Филипче.