Веројатно после велигденските празници ќе се вакцинираат владините претставници, кога и се очекува во земјава да пристигнат првите поголеми количини на вакцини, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче кој беше во посета на Поликлиниката во Шуто Оризари по повод отворање на ординација на матичен гинеколог.
– Владините претставници се пријавени на сајтот Вакцинација.мк, така што кога ќе пристигнат првите поголеми количини, пред се мислам на кинеските вакцини, за кои најавено е дека ќе стигнат на 28 април и ќе бидат дистрибуирани ширум државата, за во вторник веднаш после празникот Велигден да започне вакцинацијата со тие вакцини и мислам веќе ќе бидат на ред и други институции кои спаѓаат во делот на критичната инфраструктура, рече Филипче.