Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, изрази разочарување од одлуката на ВМРО-ДПМНЕ да не го поддржи законот кој обезбедува финансиска помош за семејствата на загинатите и повредените во пожарот во Кочани.
Филипче нагласи дека од првиот ден по трагедијата, СДСМ се однесува со почит и емпатија, ставајќи го страдањето на сограѓаните над политиката. Според него, партијата не ловела политички поени, туку се фокусирала на поддршка за институциите и помош за семејствата на жртвите.
Тој додаде дека поднесеното законско решение било без политички намери, со цел да се обезбеди финансиска помош за најпогодените. Според него, одлуката на ВМРО-ДПМНЕ да не го поддржи законот претставува разочарување, бидејќи не станува збор за политика, туку за човечност и морал.
Филипче истакна дека СДСМ ќе продолжи да се бори за вистински вредности и да нуди поддршка каде што е најпотребно.