Филипче: ВМРО-ДПМНЕ има проблем со работниците, не со синдикатот

од Nikola Popovski
84 прегледи

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче обвини дека во моментов, ВМРО-ДПМНЕ се служи со секојдневни оцрнувања на прес конференции за да избега од одговорноста за повисоки плати. Вели дека „сведоци сме на гнасна кампања од партијата на власт против секој кој чесно работи, заработува и заслужува достоинствен приход“.

Според Филипче, ВМРО-ДПМНЕ има проблем со работниците, не со синдикатот.

-Вие со право барате пристојна плата со која може да се живее, а тие смислуваат подмолни приказни за ве обивнат дека сте политички мотивирани.
На ВМРО-ДПМНЕ му пречи секој што бара праведен приход. Праведно и чесно е да се бараат повисоки плати во услови кога ни три минимални плати не се доволни да се покријат основните трошоци за живот. Праведно и чесно е да се бараат повисоки плати кога владата не прави ништо да го спречи ненормалниот раст на цените. Ова не е политичко прашање, но ВМРО-ДПМНЕ сака да го направи токму тоа, партиска пресметка за да избегне од одговорност.

Но, зошто кога беа во опозиција, го поддржуваа синдикатот? Зошто тогаш беа за работниците, а сега се против нив? Одговорот на секој од вас му е јасен – тогаш им беше политички згодно, а сега веќе не сте им потребни.

Ова е битка на ВМРО-ДПМНЕ со која конечно ќе стави крај на сите барања, ќе ве замолчи и ќе ве фрли во апатија. Тоа е целта на овие напади и ништо друго. СДСМ е доследна по ова прашање. И како власт и како опозиција силно се боревме за правата на граѓаните и за достоинствен живот. И ниедна негативна кампања на лаги на ВМРО-ДПМНЕ нема да ја поништи вистината, посочува лидерот на најголемата опозициска партија преку објава на социјалните мрежи.

Филипче најавува дека СДСМ ќе продолжи да поднесува закони во Собранието и да стои цврсто во заштитата на граѓаните.

Сојузот на синдикатите на Македонија не се откажува од барањето за раст на минимална плата од 500 евра. Првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов подава рака за преговори кон сите засегнати страни, со апел да не се гледа низ призма на политика. Ако нема договор, не ја исклучуваат можноста да излезат на протести.

Работодавачите велат дека сега работниците ќе го добијат законското зголемување од 1.800 денари, а за повеќе, мора да се преговара.

Владата порача дека ќе прифати се што ќе договорат работниците и синдикалците, но веќе кажа дека во буџетот нема пари за субвенционирање на придонесите.

Слични содржини