Јавното здравје и колективната заштита се приоритет, а мерките кои се донесени се исклучиво во таа насока, пишува на својот Фејсбук профил министерот за здравство Венко Филипче.
-Тие не го „делат народот“ како што изненадувачки изјави лидерот на опозицијата, туку се нужни за заштита на граѓаните, здравствените работници и самиот здравствен систем. Овие мерки се применуваат во многу држави и веќе даваат резултат.Забраната за движење во шуми не го дели народот на планинари и оние кои не планинарат, тоа е заштита од пожари. Условот за запишување во училишта на децата со примена вакцина не е поделба на децата туку нивна заштита од болести и епидемии. Ничие лично право не е над правото на колективна заштита на здравјето на граѓаните.Барам максимална одогворност од сите, Делта сојот брзо се шири. Податоците и трендовите кои ги имаме се многу сериозни. Апелирам на доследно почитување на постоечките мерки за заштита и масовна вакцинација, напиша Филипче.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање денеска во Прилеп за тоа кој е неговиот став во однос на новите КОВИД мерки кои ќе стапат на сила од 15 август, вели дека ова се квази мерки кои што не само што нема да го заштитат здравјето на граѓаните туку и дополнително ќе направат поделби меѓу граѓаните.