Филиповска-Грашкоска: Инспекторите извршиле 12799 контроли, уредбите и протоколите мора да се почитуваат

од Берта Китинска
598 прегледи

Вкупно 12.799 вонредни надзори се извршени од шестте инспекциски служби во периодот од 27 мај до 3 јуни. Од нив, 11.504 контроли има направено Државниот пазарен инспекторат.

Предложено е поведување на повеќе од 25 кривични пријави за кршење на законите и протоколите, а затекнати се и 20-тина нерегистрирани угостителски објекти во Скопје, Тетово, Гостивар, Дебар, Струга и Куманово.

Претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска – Грашкоска денеска на прес-конференција информираше дека само на првиот ден кога беа воведени протоколите за угостителите, односно на 28 мај извршени се 676 контроли.

– Поради утврдени недоследности во почитувањето на протоколите, првиот ден се изрекуваа само усни укажувања и опомени, но поради многу пропусти забележани првиот ден, се премина на подрастично санкционирање на прекршувањата и изминатите неколку дена предложено е поведување на повеќе од 25 кривични пријави за флагрантно кршење на законите и протоколите, рече Филиповска-Грашкоска.

Од страна на Државниот трудов инспекторат спроведени се 504 контроли со фокус на компании од Штип и Тетово каде се појавија одредени кластери на заболени. Донесени се четири решенија и 20 укажувања за работодавачи кои не постапиле по препораките на Владата.

Државниот инспекторат за транспорт спровел 290 вонредни надзори. Евидентирани се седум прекршувања на уредбите и протоколите и тоа три прекршувања кај посебниот меѓуопштински превоз на вработените во Штип и четири прекршувања за превоз на вработени во Брвеница.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат во овој период направил 225 контроли, а од страна на Агенцијата за лекови и медицински помагала спроведени се 47 контроли и не се забележани специфични отстапувања.

Агенцијата за храна и ветеринарство реализирала 229 надзори во маркети, зелени пазари и прехранбени објекти во повеќе градови при што изречени се 13 решенија за непостоење на општи хигиенски услови во објектите.

Слични содржини