Филиповска-Грашкоска: Податоците се безбедни, приоритет беше здравјето на граѓаните поради што системот беше функционален во рекордно време

од Vladimir Zorba
246 прегледи

Денеска, директорката на Фондот за здравствено осигурување Магдалена Филиповска-Грашкоска одржа брифинг за медиуми, после кој даде куса изјава за јавност.

„Ќе започнам од утврдените факти, а тоа е дека на 06.02 во Фондот е забележан технички проблем поради кој се исклучени сите системи и повикан е тим за првична дијагностика. Инцидентот е пријавен првенствено во МВР а јавноста веднаш беше известена дека имаме проблем кој се обидуваме да го дијагностицираме. Веднаш штом се утврди од страна на ИТ експертите дека станува збор за сајбер напад, јавноста беше известена, а сите расположиви ИТ капацитети беа ангажирани со цел да се врати системот во функција. Морам да посочам дека имавме огромна поддршка од партнерските европски земји, работеа деноноќно експертите и целиот овој предизвик го надминавме заеднички, со успешна приказна. 

Најважната работа која треба да се спомене тука е дека според сите анализи на ИТ експертите, нема одлевање на податоците на граѓаните. Граѓаните да се спокојни, податоците не беа украдени, тоа се шпекулации, податоците се безбедни и заштитени во Фондот. Во моментов тече истрагата за сите детали, и кога истата ќе заврши ќе биде можно да се споделат и повеќе информации. Но, сакам да повторам, здравствените и личните податоци се безбедни и граѓаните непречено може да си ги остваруваат сите свои права. Исто така, системите на Фондот се вратени речиси во нормала и исплатени се и платите на здравствените работници, но и породилното, боледувањата и разните рефундации“, посочи Филиповска-Грашкоска. 

Според неа, вработените во Фондот работеле неуморно овие две недели за да ги создадат условите за тие преодни решенија додека да се реши проблемот, се со цел на ниеден граѓанин да не му биде ускратено правото на здравствена заштита. Тоа значело дека и вработените, но и на граѓаните и здравствените работници морале да поминат низ неколки чекори плус, но брзата реакција на сите чинители, овозможи граѓаните практично да немаат застој во остварувањето на правата.

„Сите покажаа разбирање за сериозноста на проблемот со кој се соочивме и токму заради тоа разбирање успеавме да го надминеме проблемот за две недели, што како што напоменав е исклучително брз период. Она што за нас беше приоритет беше граѓаните да не претрпат штета заради нападот, и мислам дека во тоа успеавме, системот е вратен во функција, платите, боледувањата, породолното, сѐ е исплатено. Во моментов, Фондот работи на внес на заостанатите информации од овие две недели, после кој внес веројатно ќе можеме да направиме и подетална анализа и процена“, порача директорката на Фондот за здравствено осигурување.

Таа се осврна и на Ревизорскиот извештај за кој имаше и најмногу шпекулции и недоречености.

„Сакам да посочам дека Фондот, има постапено по точките од истиот и дека ги има преземено сите потребни чекори за понатмошна заштита од вакви напади. Одговорното работење во интерес на граѓаните е наш и мој приоритет. И второ – ние како земја не сме по ништо исклучителни во вакви напади кои се интензивираат после војната во Украина а со која трети страни целат да направат хаос во државниот систем и предизвикуваат паника и немир кај граѓаните. Сајбер нападите се случуваат и ќе се случуваат. Хибридното војување не е ново, буквално сите земји во светот се соочуваат со сајбер напади, и затоа овој период сме посветени на јакнење на нашата отпорност, работејќи и со други земји и стратешки партнери“, изјави Филиповска-Грашкоска.

Слични содржини