Филков: Конечно ќе има јасни, остри и применливи одредби против корупцијата, злоупотребата на функција, организираниот криминал

од Vladimir Zorba
27 прегледи

Министерот за правда Игор Филков во интервју за МИА првата година од мандатот ја оценува како директна борба за враќање на основната функција на Министерството – да служи на правдата и на граѓаните.

Реформите вели дека ќе се случат, не поради тоа што некој од надвор така бара, туку затоа што граѓаните го заслужуваат тоа, нагласувајќи дека тоа значи крај на заштитени привилегии и почеток на вистинска правна еднаквост.

„Динамиката на спроведување на реформите е интензивна, фокусирана и целосно усогласена со обврските што ги имаме преземено во рамките на Планот за раст на Западен Балкан. Свесни сме дека ова не е само технички процес, туку и стратешки момент за државата. Овие реформи значат конкретни бенефити за граѓаните –  владеење на правото, поефикасна и праведна правда, и посилни институции. Имаме политичка волја и јасна цел – да го испорачаме она што е договорено и потребно. Роковите ги следиме дисциплинирано. Од 8 закони од Реформската агенда со рок до јуни 2025 година, 5 се испратени до Влада, а останатите се во финална фаза. Законот за Судскиот совет е во завршна фаза и очекувам да биде усвоен до крајот на месецот, како што и беше предвидено. Ова е клучен чекор за зајакнување на независноста и транспарентноста во судството. До крајот на годината не чека уште една важна задача – носењето на новиот Кривичен законик. Тоа не е само усогласување со европските стандарди, туку суштинска правна реформа која ќе ја модернизира казнената политика и ќе даде јасен одговор на организираниот криминал и корупцијата. Конечно ќе има јасни, остри и применливи одредби против корупцијата, злоупотребата на функција, организираниот криминал. Јас верувам во институциите и во нашиот капацитет да го испорачаме ова. Реформите не се само формалност – тие се одраз на нашата политичка волја, одговорност и визија за праведно општество“,потенцира Филков.