Филков: СДСМ е последна партија што има право да зборува за реформи во правосудството

од Nikola Popovski
40 прегледи

Од страна на СДСМ денес повторно слушнавме празна политичка реторика, препакувана во обвинувања кои немаат никаква врска со реалноста. Иронично е токму партијата која со децении го партизираше правосудството – и преку инсталирани кадри, и преку клиентелизам, и преку селективна правда – денес да се претставува како борец за реформи, порачува министерот за правда, Игор Филков како реакција на денешната прес-конференција на СДСМ.

Според него, наводите за „доцнење“ се целосно неточни. Напротив, како што додава, реформската агенда се реализира согласно планираната динамика, а дел од законите веќе се на ЕНЕР, во фаза на јавна консултација.

Филков потенцира дека СДСМ е последната партија што има право да зборува за реформи во правосудството.

-Министерството за правда не носи закони набрзина во интерес на поединци, одредени фамилии или интересни групи ниту  по налог на партиски штабови. Предлог законите се подготвуваа   преку сериозна анализа, консултација со експерти и усогласување со меѓународните стандарди.

Министерството за правда, во координација со Владата, интензивно работи на имплементација на реформската агенда и стратегијата за правосудството (2024–2027). Сите реформски закони кои се подготвуваат се темелни, инклузивни и усогласени со препораките од ЕУ . Закони не се носат за ПР ефект, туку за системска промена, нешто што СДСМ очигледно не го научи иако имаше  шанса.

Во врска со законите за Јавното обвинителство, Судскиот совет,судската служба , платите на јавните обвинители, тие веќе се ставени на ЕНЕР, и истите се во финална процедура. Во план и подготовка се и:

  • Предлог Законот за судски буџет
  • Предлог Законот за Советот на јавни обвинители
  • Предлог Законот за јавнообвинителска служба
  • Измени на Изборниот закониксо поддршка на ОДИХР.
  • Закони со кои се регулираат платите на судиите, јавните обвинители, и јавно обвинителската служба
  • Закон за помилување
  • Закон за вештачење
  • Закон за нотаријат
  • Закон за извршување
  • Закон за пробација
  • Закон за извршување на санкции
  • Закон за конфискација на имот во граѓанска постапка
  • Закон за заштита на лични податоци

Во однос на Изборниот законик Министерството за правда ги започна подготовките, но без поддршка од политичките чинители и без консензус, неговото донесување не може да се реализира. Ќе следат разговори на политичките субјекти.

За првпат имаме сериозен пристап во кој се вклучени сите чинители – експерти, меѓународни партнери и граѓанскиот сектор.
Што се однесува до наводната „конструктивност” на СДСМ – таа завршува онаму каде што почнува лицемерието. Ако навистина имаат конструктивни предлози, ќе ги достават во време и со добра намера, а не ќе ги користат како алатка за прес-конференциски спинови.

Нам , што немаме резервна држава, ниту златни визи, целта ни е да направиме трајна и праведна реформа затоа што Македонија е се што имаме. Го повикувам СДСМ наместо со демагогија да се позанимаваат со давање на искрени одговори -како се набавуваат златни визи и колку истите чинат“, стои во соопштението на министерот за правда.

Претходно од СДСМ обвинија дека партизирани институции, селективна правда, отсуство на владеење на правото е вистинското лице на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, која создава систем само по нивна мерка и нема однос спрема реалните општествени потреби. Според партијата на Венко Филипче, Владата на ВМРО-ДПМНЕ за речиси една година не исполни апсолутно ништо од ветувањата за системски решенија.

-Не исполни ништо за нивната таканаречена трансформација на правосудните органи во независни, транспарентни и ефикасни субјекти. За тоа сведочи фактот дека упорно и свесно се доцни со спроведувањето на активностите од реформската агенда и секторската развојна стратегија за правосудство (2024-2027), каде што се предвидени јасни чекори, прецизни рокови и конкретни пари од ЕУ преку Планот за раст.

Само за потсетување, до јуни 2025 година, согласно реформската агенда, треба да бидат донесени следниве законски измени: Закони кои ги регулираат платите на судиите, обвинителите, судската и обвинителската служба – за што ЕУ предвидува над 2 милиони евра, нов закон за Судски совет во кој ќе бидат инкорпорирани препораките на Оценската мисија – за кој се предвидени се над 6 милиони евра и измени во Изборниот законик, согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР, за предвидени над 4 милиони евра. итн.

Овие закони не се само техничка работа – тие се суштински за градење на независно судство, за функционална демократија, за фер избори. Особен проблем е однесувањето на министерот за правда, г-дин Игор Филков, кој се чини дека тенденциозно го минира процесот, рече Снежана Калевска-Ванчева, претседателка на Комисијата за правда на СДСМ.

Слични содржини