Денес министерот за правда Игор Филков во Валета, Малта, каде во рамки на малтешкото претседателство со Советот на Европа се одржува конференцијата на министри за правда, го потпиша третиот дополнителен протокол на Европската конвенција за меѓусебна соработка во кривична материја.
Со тоа нашата држава е една од првите кои пристапија кон протоколот со што јасно ја искажа својата определба активно да придонесува и учествува во заедничката борба против криминалот кој не познава граници.
Овој протокол овозможува директна електронска комуникација преку обезбедени канали што ќе ја забрза и поедноставни меѓусебната меѓународна соработка, а се овозможуваат и видео конференции кои ќе ги елиминираат трошоците за патувања и ќе ги намалат одложувањата во постапките. Протоколот содржи и механизми, за ефикасна постапка.