Филков: За фемицид, предвидена е и доживотна казна затвор

од Марта Пешевска
122 прегледи

На Третиот правосуден форум за родова рамноправност на Западен Балкан, министерот за правда, Игор Филков, изјави дека напредокот во општеството е невозможен без почитување на основните човекови права. Тој истакна дека родовата еднаквост не е само право, туку и обврска, додавајќи дека загрозувањето на родовата рамноправност го загрозува и почитувањето на слободите и правата на сите поединци.

Филков напомена дека Македонија е една од првите земји која ја потпишала Истанбулската конвенција во 2011 година, а по нејзината ратификација во 2018 година, се направени законски измени кои го криминализираат родово базираното насилство и воведуваат квалификација за фемицид. За кривичното дело фемицид предвидени се казни од најмалку десет години затвор, а во случај на повторување на насилство, доживотна казна.

Родовата еднаквост не е само право туку е и обврска. Нема напредок во општеството без почитување на основните човекови права на секој поединец. Загрозувањето на родовата рамноправност го загрозува и почитувањето на основните човекови слободи и права – рече министерот за правда, Игор Филков.

Тој истакна и напредокот во имплементацијата на Законот за паричен надоместок на жртвите од насилство, што спречува секундарна виктимизација. Министерството за правда ќе продолжи да инвестира во правниот систем за да обезбеди заштита на жртвите и унапредување на пристапот до правда.

Слични содржини