„Филмски град“ нова книга на Игор Анѓелков

од Vladimir Zorba
157 прегледи

Деновиве од печат излезе новата книга на Игор Анѓелков насловена „Филмски град“, како 13 издание во есеистичката едиција „Или-Или“ на истоимената издавачка куќа.

По првата негова книга која ја третира седмата уметност, „Филм.мкд“ од 2015 година, за која ја доби и Државната награда за публицистика „Мито Хаџивасилев-Јасмин“, во „Филмски град“ авторот во воведното поглавје продолжува да ги следи случувањата во македонската кинематографија низ серија осврти кон филмовите снимени во последниве неколку години, но концептот оди понатаму, и во следните осум поглавја, Анѓелков пишува за балканскиот, европскиот и светскиот филм, но низ есеистички текстови тој ги обработува и тематските филмови и класиците, за на крајот да ни подари шест текстови во кои комплетно ги обработува филмските жанрови, како мала енциклопедија наменета за сите читатели и возрасти. Во години кога филмската литература речиси и да ја нема, книгите на Анѓелков се вистинско освежување и одлично го надополнуваат недостатокот на филмска литература од домашни автори кај нас. Дизајнот на корицата е на Бојан Ивановиќ од „Бригада.мк“, а излегувањето на книгата е финансиски поддржано од Министерството за култура на РМ.