Филмските студија на Малкович може ќе бидат изградени во Општина Карпош

од Берта Китинска
224 прегледи

Министерот за транспорт и врски Благој Бочаврски денеска изјави дека советот во министерството првично ги разгледало документите за проектот за изградба на филмски студија во Општина Карпош и во текот на денов или утре ќе ја информира Владата за утврдената состојба, по што се очекува Владата да заземе став за проектот што го најави американската филмска ѕвезда Џон Малкович.

– Оперативната група веќе во текот на денов или утре ќе ја информира Владата за тоа каква е документацијата, што е она што е потребно дополнително да се појасни во однос на овој проект и да се дискутира, рече Бочварски.

Тој дополни дека веројатно ќе треба да има дополнителни координации со Општина Карпош заради тоа што земјиштето е на таа територија.

– Има одредени микро локации што ги даваат во својот проект инвеститорите, но на таа микро локација е изработен и е во сила детален урбанистички план. Поради тоа мораме со Општина Карпош да ја разгледаме целата оваа постапка, да не има некое приватно земјиште. Корисничките права се исклучително важни во секој па и во овој проект. Потоа на седница на Комисијата во Владата што ја води потпретседателот Битиќи ќе се разговара со сите аргументи. Сметам дека после тоа Владата ќе заземе став, наше е да ги разгледаме сите документи и да ја информираме, изјави Бочварски.

Пред извесно време дваесет и седум македонски, српски и балкански професори, театарски, филмски и музички уметници, упатија отворено писмо до македонската Влада за да започне со реализација на проектот „Скопје технолошки парк“ и преку него да се реализира филмскиот град.

Во писмото се наведуваше дека оваа иницијатива претставува еден од најперспективните предизвици за севкупен економски, културен и технолошки исчекор на македонското општество.

Познатиот холивудски актер Џон Малкович кој го предводи проектот пред еден месец најави дека во Скопје ќе се снимаат холивудски филмови, веднаш откако ќе се изградат повеќе филмски студија во рамки на проектот „Технолошки Парк Скопје“ (ТХП).

Малкович појасни дека работи на создавање филмско, музичко и медиумско студио од холивудски калибар, со сертификат за еколошка градба во Скопје, што ќе биде прво студио од ваков тип на целиот Балкан.

-Решивме да го наречеме проектот „Stonebridge Studios“ во чест на богатата култура и неверојатната историја на македонскиот народ, истакна Малкович и порача дека како Балканец по потекло му придава специјално значење на овој проект.

Актерот цврсто верува дека проектот ќе биде од клучно значење за земјата и регионот.

Слични содржини