Finance Think: Поважна е ефикасната реализација на постојните пакети антикризни мерки, наместо да се брза со нов

од Берта Китинска

Владата да не брза со петти пакет антикризни мерки во услови кога реализацијата на четвртиот пакет не е потполна, вели Благица Петрески од институтот Finance Think за „Локално“. Како важни за следниот период ги издвојува мерките за извозните сектори и потребата да се зајакнат потенцијалите за нивен пост Ковид раст

Слабост препознава и во проценката на трошоците за досега дизајнираните мерки „За првите три пакети мерки беа потрошени 35% од проектираните средства, па претпоставувам дека и реализацијата на четвртиот пакет ќе оди со таа пропорција’’, вели Петрески.

Во оваа 2021 год. очекува солиден раст само доколку се разреши здравствената криза. Но, како оптимистички ги оценува предвидувањата дека економијата ќе почне да се стабилизира од вториот квартал на 2021 год. со оглед дека вакцинација со довoлен опфат би имале најрано до крајот на 2021 година. Во проекциите, сепак вметнува позитивна нота и заклучува „Годината нема да биде лоша како 2020-тата.’’

Во годинава што измина предмет на вашите истражувања беа владините антикризни мерки во делот на тоа колкав бенефит имаа за тие за коие беа донесени.Каков е вашиот заклучок?Кој сектор најмногу настрада а кои мерки беа најдобри? Дали навистина Владата со четирите пакет мерки успеа да превенира поголем удар врз домашната економија?

Благица Петрески: Во изминатата година, ние примарно се фокусиравме врз анализа на економските, социјалните и развојните ефекти од Ковид-кризата. Предмет на детална анализа беа две клучни владини мерки, а тоа се мерката „14.500 денари по работник“ и мерката релаксирани услови за стекнување гарантирана минимална помош. Првата мерка целеше кој задржување на работните места и во првиот круг, месеците април-јуни 2020, за оваа мерка беа исплатени околу 80 милиони евра. Ако се има предвид дека реализацијата на првите три пакети мерки беше околу 200 милиони евра, тогаш станува јасно зошто оваа мерка била најзначајна за економијата во време на најголемиот удар од кризата. Анализата покажа дека 75.000 работни места биле на раб да бидат изгубени, а мерката помогнала да се задржат 60.000, што значи дека постигнала значаен позитивен ефект. Според податоците кои потоа ги објави Државниот завод за статистика, доходот од плати во секторите кои беа најпогодени, и според тоа кои добија најмногу од оваа помош, доживеал разумни падови. Тука мислам пред се’ на секторите транспорт, угостителство, трговија, рекреација и преработувачка индустрија, кои беа најизложени на кризата, особено во вториот квартал од 2020. Есента предложивме оваа мерка да стапи повторно на сила, редизајнирана, со потесен таргет, односно да стигне онаму кадешто е најпотребна. Бидејќи, забележете, теоретски државата помош може да даде на сите, меѓутоа ако субвенции се даваат и онаму кадешто не се потребни – а такви сектори кои не беа погодени или беа погодени значајно помалку има повеќе – тогаш влегуваме во т.н. мртвоносечка загуба, која потоа ја сноси целото општество. Имено, државата позајми средства во релативно голем обем, скоро 10% од нашиот БДП, и тие ќе мора да ги вратиме ние и идните генерации. Затоа, во криза од ваква магнитуда, зголемено трошење е оправдано, меѓутоа мора да биде насочено кон секторите и граѓаните кои се најпогодени од кризата.

И нашата анализа на мерката за релаксирани услови за гарантирана минимална помош покажа позитивни ефекти, односно тие ја омекнале инциденцата на сиромаштијата, меѓутоа потенцијалот на мерката до септември 2020, кога ја објавивме таа анализа, беше искористен 65%. Тоа значи дека се’уште постојат граѓани и домаќинства кои може да ја добијат таа помош, но се’уште не ја добиле, поради што и’ препорачавме поголем ангажман на надлежното министерство информацијата, а потоа и средствата, да стигнат до засегнатите.

Значи, да сумирам: владата дизајнираше мерки кои ги видовме во многу држави ширум светот и тие по својот дизајн беа коректни. Проценката на трошоците беше особено погрешна, бидејќи за првите три пакети мерки се проектираа 550 милиони евра, а беа потрошени околу 35%, и претпоставувам дека и реализацијата на четвртиот пакет ќе оди со таа пропорција. Делумно, ова се должеше на преценувањето на трошокот, а делумно на ефикасноста во реализацијата, посебно на некои мерки кои беа најавени уште во третиот пакет, а не доживеаја реализација долго потоа.

Иако постојат оптимистички најави дека пандемијата ќе се стави под контрола уште во текот на првата половина од 2021 год, што мислите, што годинава ќе ја движи економијата напред?

Благица Петрески: Економијата ќе може да искуси поголема стабилизација и подобри основи за раст само ако е разрешена здравствената криза. Во моментов дискутираме дека тоа ќе се случи со помош на вакцината, меѓутоа забележуваме дека веројатно тоа нема да оди со брзо посакувано темпо. Проекциите БДП кои кружат за растот во 2021, како и проекциите за јавните финансии, се базираат на претпоставката дека стабилизацијата ќе отпочне од вториот квартал 2021, со некое враќање во нормала во почетокот на 2022. Сега, во јануари 2021, тоа ми изгледа малку оптимистички, бидејќи забележуваме дека вакцинација со доволен опфат би имале најрано до крајот на 2021, што значи дека годината ќе ја минеме повторно во знакот на короната и вакцината. Сепак, годината нема да биде лоша како 2020, дел поради вакцинацијата, дел поради природниот имунитет на прележаните, дел затоа што сите веќе и доволно научивме како да ги менаџираме социо-економските последици од кризата.

Знаејќи ги резултатите од четирите пакет антикризни мерки, како според вас треба да биде дизајниран петиот сет мерки што е веќе во најава? Каков тип на мерки ќе дадат најголем ефект за економски раст?

Благица Петрески: Во моментов не гледам дека е итно неопходен петтиот пакет мерки, во услови кога реализацијата на четвртиот пакет не оди толку брзо колку што првично се очекувало. Она што е поважно е, прво, клучната мерка „14.500 денари по работник“ да продолжи за месеците јануари-март 2021 година, а второ, ефективно да се реализираат другите најавени мерки, особено оние кои се повеќе поврзани со развојниот потенцијал на економијата, отколку со социјалните ефекти. Сметам дека тоа е насоката во која треба да се движиме – мерки кои ќе зајакнат потенцијали кои постојат кај одредени сектори – пред се’ оние кои извезуваат – да го забрзаат пост- Ковид-19 растот.

K.В.С

Слични содржини