„За поддршка на плати во февруари и март 2021 година се обезбедени 1,92 милијарди денари и со оваа мерки ќе бидат опфатени околу 60.000 работници месечно, а поддршката ќе биде скалеста во износ од 14.500 до 21.776 денари“, соопшти денес премиерот Зоран Заев, преставувајќи го петтиот пакет антикризни мерки.
Мерката, како што рече Заев, е опциска, односно компаниите ќе може да ја користат или неа или втората мерка – за кредити со нула проценти камата во дејностите туризам, занаетчиство, угостителство, индустрија за организирање настани, транспорт, првиатни здравствени установи.
„Оваа мерка е во висина од 10 милиони евра и може да се аплицира во текот на оваа година. Во зависност од вкупниот поголем обем на работа и добивката скалесто може да добијат и неповратен дел од кредитот од 30 до 50 проценти од самиот кредит“, рече Заев.
Поддршката од повеќето мерки, додаде премиерот, ќе се користи до крајот на 2021 година за да имаат влијание и ефект врз економијата. Мерките се донесени низ дијалог и партнерство со сите релевантни чинители – стопанските комори, работодавачите и синдикатите, како и изминатите четири пакети, проследени со сериозни анализи од институциите.
За опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ова е уште еден „грабеж“.
„Новиот пакет на мерки со кој се фали владата е неразвоен и нема да одговори на потребите на стопанството и граѓаните, туку е ново пљачкање на државата, додека бизнисот и граѓаните трпат“, изјави денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.