Во пандемската 2020 година Управата за финансиска полиција поднела 71 кривична пријава што е за осум помалку од 2019 година. Кривичните пријави се поднесени против 137 физички лица како одговорни лица во правни субјекти и уште 51 пријава против правен субјект, за сторени 109 кривични дела.
Според извештајот на Управат објавен денеска, со овие кривични дела е направена штета на државниот буџет во вкупен износ од 1.176.170.845 денари или 18.97 милиони евра. Од нив најголема штета е направена по основ на злоупотреба на службена положба и овластување или вкупно 10,5 милиони евра.
Од овие кривични дела, најмногу или 57 се однесуваат на „Даночно затајување”, 23 се за „Фалсификувањеили уништување на деловни книги“, 11 се за „Злоупотреба на службена положба и овластување”, а за перење пари и други приноси од казниво дело – 1 кривично дело.
Во 2019 година Управата поднесе 79 кривични пријави за сторени 122 кривични дела а штетата врз буџетот беше 150 милиони евра. Во 2018 година биле поднесени 74 кривични пријави а нанесената штета на буџетот беше проценета на три милијарди денари.