Финансиска полиција влегува во Град Скопје

од Nikola Popovski
289 прегледи

Финансиската полиција денеска влегува во Град Скопје. Акцијата е за набавката за новогодишното украсување на главниот град, за кое градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска информираше само дека чини 30.000 евра.

Ќе се истражува дали се прекршени законски постапки и како Арсовска дошла до фирмата која украсувала. Арсовска ги сподели јавните набавки на својата официјална Фејсбук страница, но за украсувањето од претходните години.

Јавното обвинителство најави дека ќе оформи предмет против Арсовска во врска со потрошените 30.000 евра за украсување, за што не бил распишан тендер. Сепак оттаму велат дека Управата за финансиска полиција е надлежна прва да постапи.

На веб-страницата на Јавни набавки сè уште не е објавен тендерот за украсувањето за 2023 година.

Градоначалничката во петокот изјави дека китењето чинело 30 илјади евра.

-Само ќе ви кажам дека повикани се јавните институции. Ќе си дојдат, ќе си проверат. Тоа не го прави градоначалникот, туку го прави соодветна комисија во Градот Скопје и дека доколку било кој смета дека 300 илјади евра е сумата која треба да се плаќа на компаниите, односно да си плаќа некој на својот кум за да го кити Градот, јас мислам дека институциите треба малку посериозно да се позанимаваат со сите овие работи кои се случуваат во општеството. Знам дека овие корумпирани политичари кои седат на фотелјите 30 години сигурно дека нема нешто што повеќе би сакале во светот, а тоа е да погрешам нешто некаде. Меѓутоа, јас не грешам, изјави таа.

Арсовска во изјавата тврди дека распишала јавен повик за украсувањето.

-Јавни повици и јавни набавки се нешто друго, додала градоначалничката.

Слични содржини