Финансиска полиција: Невистинити се изјавите на Русковска дека барала конкретни 300 предмети од Управата

од Берта Китинска
199 прегледи

Со Наредбата за претрес и Барањето за податоци од страна на Управата за финансиска полиција се бараат СИТЕ анонимни кривични пријави доставени до Управата за финансиска полиција од 2018 година до денот на претресот/ денот на одговор по барањето. Невистинити се изјавите на обвинителката дека од Управата за финансиска полиција барала конкретни 300 предмети и дека и се доставени само 30-тина предмети кои таа не ги ни барала!, велат за „Локално“ од Управа за финансиска полиција.

-Во барањето за податоци даден ни е рок за постапување од 10 дена и истиот започна да тече од 18.07.2022 година. Седум дена по претерсот и барањето, односно на ден 25.07 година кога Управата за финансиска полиција излезе со соопштение во јавноста во кое што информиравме за претресот и поднесени претставки поради сомнение за злоупотреби од страна на обвинителката Вилма Русовска, во 14:00 часот во Управата пристигна допис со кој што се бараше Управата ВЕДНАШ да ги достави дотогаш прибраните предмети и списи. Управата за финансиска полиција во тој момент располагаше со обезбедени 35 предмети оформени по „анонимни кривични пријави доставени до Управата од 2018 година до денот на одговор на барањето “ и тие предмети беа веднаш доставени Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Во меѓувреме, постапувајќи по наведеното барањето од страна на Управата за финансиска полиција, дополнително обезбедени се уште 150 предмети оформени по „анонимни кривични пријави доставени до Управата од 2018 година до денот на одговор на барањето и за истото Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со допис е известено.

Во дописот, меѓудругото е наведено следното „ Согласно член 287 ст.2 од Законот за кривична постапка „Субјектите од ставот (1) на овој член се должни на јавниот обвинител да му достават податоци, известувања, документи, предмети, банкарски сметки или списи кои му се потребни во текот на постапката. Јавниот обвинител има право да бара податоци, известувања, документи, предмети, банкарски сметки или списи и од други правни лица и од граѓаните за кои може основано да смета дека располагаат со такви податоци или информации.“, а имајќи го предвид Извештајот од извршениот Надзор од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија во кој што извештај е констатирана ненадлежност на обвинителките Вилма Русковска, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска да постапуваат по конкретниот предмет РО бр.155/22, Ве молиме писмено да не известите на чие надлежно постапување, согласно одредбите од Законот за јавно обвинителство е доделен предметот РО бр.155/22, а со цел од страна на Управата за финансиска полиција на надлежниот јавен обвинител да му бидат предадени бараните податоци/ предмети и воедно со надлежниот обвинител да биде составен Записник за примопредавање на предмети.“

Управата за финасиска полиција е во исчекување на одговорот од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а со цел да ги достави обезбедените податоци/ предмети кои се побарани од Управата согласно Барањето за податоци РО 155/22 од 18.07.2022 година, посочуваат од Управата.

Суспендираната обвинителка Вилма Русковска денеска ја предаде својата жалба за одлуката за суспендирање до Советот на јавни обвинители.

Русковска објасни околу истрагата во Финансиска полиција. Русковска рече дека барале да им бидат доставени 250-300 предмети, но им биле доставени само триесетина, меѓукои повеќе непотребни.

„Во финансиската полиција не дојдовме до докази. Со претресот наведовме кои предмети треба да ни бидат доставени меѓу 250 и 300 предмети. Ни беа доставени 30, повеќето од нив не ни беа потребни. Немаше доставено ниту еден предмет од тие што ги баравме.“, рече Русковска.

Слични содржини