Финансиската полиција води предистражна постапка за сомнителни трансакции кои доаѓале од ЕВН .
„Во рамките на предистражната постапка, а по претходно обезбедени наредби од надлежните судови, во текот на денешниот ден беше извршен претрес кај повеќе физички лица на територија на Град Скопје и Делчево, меѓу кои вработени лица во ЕВН ЕЛЕКТРАНИ ДООЕЛ Скопје и ЕВН МАКЕДОНИЈА АД Скопје, а со цел пронаоѓање на докази во насока на ефикасно водење на предистражната постапка и докажување на основите на сомнение за сторени кривични дела“, се вели во соопштението.
Оттаму целосно ги демантираат и отфрлаат изјавите на пратеникот Јован Јаулески дека претресот е извршен кај него дома, ниту пак пак кај некој друг претставник на политичка партија.
„Предистражната постапка се однесува на вработени лица во ЕВН ЕЛЕКТРАНИ MAKЕДОНИЈА ДООЕЛ Скопје и ЕВН МАКЕДОНИЈА АД Скопје. Ве молиме Управата за финансиска полиција да не се злоупотребува за политички цели“, заклучуваат од Управата.
Пратеникот Јаулески на „Фејсбук“ објави дека утрово во пет часот во неговиот дом упаднала Финансиска полиција.
„Не ви се плашиме, денес хибридниот режим ќе заврши! Од 5:30 до овој момент во мојот дом упадна и врши претрес Финансова полиција! “, напиша Јаулески.