Финансиската полиција проверува дали ноќните клубови низ државата работат легално

од Nikola Popovski
19 прегледи

Управата за финансиска полиција соопшти дека е вклучена во големата акција за проверка на работата на објектите кои функционираат како кабареа, дискотеки и ноќни клубови низ земјава и постапува согласно со своите законски надлежности. На располагање се ставени сите капацитети на Управата за финансиска полиција за потребите на оваа акција, која има за цел да открие евентуални неправилности и нелегални активности во работењето на овие објекти.

-Акцијата се фокусира на утврдување на финансиски проневери, избегнување на даночни обврски, нелегално работење и други неправилности во финансиското работење на угостителите. Паралелно со ова, истражните органи се насочени кон откривање на сите аспекти кои би можеле да доведат до санкционирање на оние кои не ги почитуваат законите и регулативите.

Во тесна координација сме со сите институции и работиме посветено на целосно отстранување на сите неправилности во насока на обезбедување на почитување на законите и регулативите. Се преземаат сите потребни мерки и активности за санкционирање на секој вид на неправилности кои ќе бидат утврдени во текот на акцијата, се вели во соопштението од Управата.

Истражна постапка покрена и Обвинителството во Скопје за организиран криминал и корупција. Се очекува барање на одредување притвор за тројцата поранешни градоначалници на Кочани Николчо Илијев, Ратко Димитровски, како и градоначалникот во оставка Љупчо Папазов.

Љупчо Папазов по трагичниот настан поднесе неотповиклива оставка од функцијата, беше на сослушување пред обвинител во ОЈО Кочани на 17 март, а Обвинителството по завршување на неговиот распит најави дека дополнително ќе биде донесена одлука за неговиот натамошен статус во постапката.

Димитровски беше градоначалник на Кочани во период од 2009 до 2017 година, додека Илијев во период од 2017 до 2021 година.

Од ОЈО информираа дека покрената е истрага против 27 физички и 3 правни лица. Повеќе детали се најавуваат од прес-конференцијата на министерот за внатрешни работи, како и ОЈО Кочани.

Слични содржини