Јавното обвинителство најави дека ќе оформи предмет против градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска во врска со потрошените 30.000 евра за украсување, за што не бил распишан тендер. Сепак оттаму велат дека Управата за финансиска полиција е надлежна прва да постапи.
-Со оглед на изнесените наводи во конкретниот случај, Управата за финансиска полиција како орган надлежен за откривање на евентуални кривични дела и контрола на финансиските текови има надлежност да ги испита сите околности и да достави соодветно известување или пријава. Доколку Финансиската полиција не постапи, обвинителството ќе оформи предмет и ќе нареди да се извршат сите проверки, велат од Обвинителството.
На веб-страницата на Јавни набавки сè уште не е објавен тендерот за украсувањето.
-Како ќе оправдаат после мандатот, кога ќе треба да платат 300.000 евра за украсување за Нова година? Над 2 милиони евра земале изминативе години. Сега по јавен повик, украсувањето чини 30.000 евра. Ние славиме Божиќ на 7-ми јануари, секоја година во исто време. Јас им ветувам на граѓаните дека следна година од 20-ти септември ќе почнеме да украсуваме, за да биде навремено и да не се чувствуваат дека не сме почнале на време, изјави синоќа Арсовска откако во претходниот период беше на удар на критики од јавноста поради украсувањето на градот.
Според неа, во земјава има посериозни проблеми како „крадење 30 години, приватизација, бркање илјадници луѓе од работа, тоа не е тема на разговор тоа што секој ден му ја цицаат крвта на народот, ама тема била елката зошто била 30 илјади евра“.