ФИНКИ одржува протестен маратон под мотото „ФИНКИ нема зграда, трчаме до Влада“

од Nikola Popovski
205 прегледи

Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје денеска ќе одржи протестен маратон по повод Денот на ФИНКИ. Маратонот е под мотото „ФИНКИ нема зграда, трчаме до Влада“. Стартот на маратонот ќе биде во стариот дел на Градскиот парк, на кејот на Вардар, со крајна цел до Владата.

По завршување на трката, како што е најавено, ќе се одржи мирен протест пред Владата со цел подигнување на свеста во државата за подобрување на условите за студирање на студентите на ФИНКИ.

-Целната линија на маратонот е лоцирана пред Владата како симболичен чин со кој сакаме да ја истакнеме и подигнеме свеста за проблемот со недостигот на соодветен образовен простор за студентите на ФИНКИ. Завршувањето на маратонот пред Владата ќе претставува почеток на мирен протест, каде ќе покажеме дека бројот на засегнати студенти е голем и дека барањето за подобрување на условите е итно и неопходно, велат од Факултетот преку соопштение.

Инаку, ФИНКИ во изминатиот период оствари повеќе средби со надлежните институции и се надева на позитивен исход и исполнување на дел од барањата.  Инаку, пред точно десет дена, на булеварот пред Владата се одржа протестен перформанс, просторот се претвори во амфитеатар, се дискутираше и „држеше настава“. Присутните на протест побараа властите да обезбедат соодветни просторни услови и модерен објект за овој факултет, кој со 5.000 студенти е најбројниот во Македонија.

Слични содржини