Се очекува Финска денеска да објави дека сака да влезе во НАТО, што ќе биде голема промена во безбедносната политика на земјата.
Финска, која дели граница и тешко минато со Русија, постепено ја зајакна соработката со НАТО откако Русија го анектираше Крим во 2014 година. Но, таа досега се воздржуваше од приклучување за да одржува пријателски односи со источниот сосед.
Меѓутоа, се очекува денеска претседателот Саули Ниинисто да ја објави својата официјална намера да аплицира за членство. Се очекува да дадат согласност и владата и парламентот.
На прашањето дали Финска ќе ја испровоцира Русија со влезот во НАТО, претседателот Ниинисто рече дека виновен ќе биде рускиот претседател Владимир Путин. „Мојот одговор е дека тој го предизвикал ова. Нека се погледне во огледало“, рече тој.