Финска најави дека „значително“ ќе го ограничи влезот на руски државјани на нејзина територија, а отсега ќе одбие пристап на лица кои имаат туристички визи на некоја европска земја од Шенген зоната.
Финска, која бележи зголемување на бројот на Руси кои ја преминуваат нејзината копнена граница откако Москва најави делумна мобилизација на резервисти за војната во Украина, на тој начин де факто се приклучи на одлуката на другите четири земји од Европската унија кои граничат со Русија.
Од почетокот на септември, Полска и три балтички земји (Латвија, Литванија и Естонија) не дозволуваат влез на Русите, иако имаат шенген виза.
Финскиот министер за надворешни работи Пека Хависто изјави за новинарите дека по одлуката на владата, мерката може да стапи на сила многу брзо.
„Оние кои ќе ја преминат границата од туристички причини нема да можат да влезат. Тие треба да имаат некоја друга причина“, рече тој.
Одлуката се однесува на визите што ги издава Финска, како и сите други земји од Шенген зоната, изјави шефот на финската дипломатија.
Финска, која има граница од околу 1.300 километри со Русија, веќе одлучи драстично да го намали бројот на туристички визи што им ги издава на Русите, но Хелсинки досега дозволуваше влез на лица со валидни шенген-туристички визи.
За разлика од другите четири земји кои граничат со Русија, кои ограничувањата ги оправдаа од безбедносни причини, Финска изјави дека ограничувањето се воведува за да се спречи основата за сериозно оштетување на меѓународната позиција на Финска, односно дипломатските односи на земјата.
По одлуката на рускиот претседател Владимир Путин за делумна мобилизација, бројот на руските пристигнувања во Финска е двојно зголемен, иако тој остана на ограничено ниво, според финската граничари. Вчера границата ја минале околу 6.000 Руси наспроти околу 3.000 на почетокот на неделата.